Успешно собрано пчелно семејство со импровизиран „Bee vac“

9 01 2015

Летоска, некаде во средината на август, познаници ме повикаа за собирање на пчелен рој закачен на орев веднаш над влезот од домот на едно семејство. При инспекција на местото видов дека тоа не е рој туку веќе комплетно пчелно семејство со повеќе изградени сотови. Семејството беше закачено на висина од 6-7 метри, а беше невозможно да се стави скала, што беше дополнителен проблем за негово отстранување. Поради фреквентноста на местото и постојаните минувачи (улица во населба Железара) не ни размислував за истресување на ројот во кошница и потоа да ги сечам сотовите еден по еден, а и поради висината тоа ќе одеше доста тешко. За пристап до семејството најдов решение-градежно монтажно скеле, но проблемот беше како да се соберат пчелите, а при тоа да не се предизвикаат несакани последици по минувачите и секако по мене. Единственото разумно решение беше Bee Vac, односно импровизирана правосмукалка за пчели. Од многуте верзии и упатства за изработка на вакви собирачи, успеав за една вечер да направам импровизирана верзија на вакуумски собирач на пчели, користејќи неколку црева од садопер, пластична канта со капак, малку ситна мрежа и правосмукалка. На тестот со ситни топчиња од хартија и разни други дребулии, собирачот функционираше беспрекорно, но уште беше непознато дали и врз пчелите ќе работи без проблеми.

Наредниот ден, околу попладне, скелето беше монтирано и се беше спремно за собирање на пчелите. Стравот и сомнежите за функционирањето на пчеларската правосмукалка биле непотребни. Пчелите непречено беа вшмукувани од правозмукалката и неповредени се складираа во пластичната кофа. Оваа ситуација беше нова и многу интересна за мене, а исто така и за многу минувачи, кои застануваа и гледаа во збирот од чудни ситуации и акции на 6 метри височина. Со мене имав помошник кој слабо работи со камери и слична техника, па жално е и штета што имав време да направам само неколку фотографии од целиот настан. Ќе беше тоа одлична фоторепортажа. Собрани беа некаде повеќе од половина од пчелите и веќе јасно можеа да се видат сотовите во кои, за чудо скоро и да немаше мед, а имаше прилично многу легло. Прашање беше дали ако семејството останело прикачено на гранката (во услови да не им сметаат пчелите на луѓето кои живеат таму) ќе ја преживеало зимата. Откако беа собрани сите пчели, еден по еден ги исеков и сотовите, ги прикачив со жица за рамки и ги сместив во сандак. Операцијата, која поради малиот простор за манипулација и движење по скелето и височината, траеше околу еден час, успешно заврши.

По пристигнување на пчеларник и поставување на кошницата на своето постојано место, забележав дека дел од саќето, најверојатно при транспорт, се изместило од првобитната позиција на рамките, па тука имаше мала интервенција за негово прицврстување.

Ги отворив пчелите од кофата и тие полека и во колони излегуваа и се вселуваа во новиот дом. Кога кофата се изпразни, кошницата беше затворена, а во хранилката сипав малку сируп колку да се повратат од стресот.

По неколку дена, при преглед на ова семејство забележав отворени матичници. Семејството во целата таа гужва и стресна ситуација најверојатно ја загубила матицата, која јас во брзањето да ги соберам пчелите и сместам во кошница, не се ни обидував да ја најдам или видам. Семејството изведе нова матица, истата се спари, а во меѓувреме пчелите добиваа добра количина на сируп. Сега е истретирано со оксална киселина, доби погача и успешно е зазимено.

 





Апимондија 2012-Белград

29 06 2012

http://pcela.mk/forum/index.php?topic=2363.msg39513#msg39513





Центрифуга

15 06 2011

Изборот падна на центрифуга од пчеларската продавница Напредок, а произведена од Минели, Крагуевац. Направена е од нерѓосувачки челик, а во внатрешниот дел кошот е пластифициран. Собира 8 полумедишни ДБ или 4 ЛР рамки. Центрифугата е прилично лесна, а при вртењето е доста стабилна и стои прилепена за подлогата. За околу дваесетина дена ќе биде и првото центрифугирање на рамките со мед.





Природен рој

10 05 2011

Првиот природен рој во оваа година го најдов закачен на височина од 1,5 метри, а на растојание од околу 5 метри од пчеларникот.  Според големината и бројот на пчели очигледно беше рој-првак. Успешно беше истресен и сместен во сандак премачкан со маточина. Задоволството и возбудата при фаќањето на ројот беа преголеми. Прекрасна работа!





Плетена кошница (плетара, кошара, трмка)-II дел

22 02 2011

Кошарата од надвор ја премачкав со изолационен материјал (користев кравја балега). Се сушеше околу една недела под сенка на место со добра циркулација на воздух. Откако се исуши веќе беше спремна за употреба, ама јас решив да ја премачкам со фасадна боја, поради заштита од надворешни фактори, а и да добие малку на естетика🙂. Да напоменам дека пред мачкање на кошарата од надвор, низ неа, од прилика во нејзината горна третина накрстно протнав две стапчиња на кои ќе се прицврстува и држи изграденото саќе.





Искористување на погачите за прихрана

14 01 2011

Искористеноста на погачите за прихрана дадени пред точно еден месец е различна, но повеќе од погачите се потрошени до пола. За околу десетина денови пчелите ќе добијат нови погачи, овојпат стимулативни.





Прихрана со погачи

12 12 2010

Додавање на прихрана во вид на погачи:








Следи

Get every new post delivered to your Inbox.